Владата предлага измени на Законот за додадена вредност со кои се врши намалување на прагот на задолжителна регистрација за ДДВ од два, на еден милион денари.
Илјадници мали фирми што имаат годишен промет поголем од 16 илјади евра ќе мора да плаќаат данок на додадена вредност. Досега ДДВ пресметуваа само фирмите со промет поголем од 32 илјади евра. Со ова се зголемува бројот на фирми што ќе станат даночни обрзници, а законот е веќе во собраниска процедура. Иако ќе важи од први јануари следната година, сепак, од Стопанската комора на северозапдна Македонија велат дека тоа ќе биде директен удар за малиот бизнис кој и онака едвај преживува.
Собранието на Република Македонија за овие измени ќе расправа на седницата закажана за вторник. Ако се усвојат измените, тоа ќе значи дека обврска да плаќаат ДДВ од 1 јануари ќе имаат сите компании со промет поголем од 16.000 евра.Владиното објаснување е дека измените се прават со цел да се обезбеди зголемување на лојалната конкуренција на пазарот, но бизнис-секторот коментира дека ваквиот потег е резултат на празната каса во државата.
Засега нема информација колку фирми ќе бидат опфатени со овие измени, но според податоците на УЈП во земјава има 126 илјади правни лица и близу 190 илјади вршители на дејност. Од нив досега ДДВ обврзници беа нешто помалку од 34 илјади фирми. Во буџетот минатата година од ДДВ беа собрани 650 милиони евра.