Од 1 јануари 2015 година граѓаните не смеат ни да помислат да фрлат во контејнери шпорети, компјутери, фрижидери, телевизори и друга бела техника, како и мали електрични и електронски апарати, мобилни телефони, компјутери. Не смеат ниту да ги оставаат на јавни површини. Kазната е 60 евра за физички лица. Од нив единствено може да се ослободат така што ќе ги однесат кај производители и увозници на електрична и електронска опрема, кои се задолжени бесплатно да им ги примат или, пак, во кој било собирен пункт, чие отворање е законска обврска на сите општински власти.
Во согласност со законската регулатива, од 1 јануари секоја општина има законска обврска да формира собирен пункт. И тоа по еден на 30.000 жители. Дали локалните власти се подготвени на вакво нешто?
Во согласност со бројот на жители, од Општина Kисела Вода информираа дека имаат во план да изградат два пункта на својата територија.
– Првиот пункт се планира да биде поставен на улица Народни херои и вториот пункт е планирано да биде поставен на улицата Иван Хаџиниколов – изјавија од одделението за односи со јавноста.
Во Центар до отворање пункт електронскиот отпад ќе го собира овластена фирма. Посочија дека со неа склучиле договор уште лани, пред тоа да стане законска обврска.
Во Kарпош, каде што живеат околу 60.000 жители, во план е да се отворат два пункта, изјавија надлежните.
Во Општина Аеродром, пак, допрва ќе се одредат локациите во урбанистичките планови, изјавија од одделението за односи со јавност. Ќе отворат два пункта.
Рециклажниот двор и понатаму работи
Што се однесува до јавното претпријатие „Kомунална хигиена“ и нивниот рециклажен двор каде што веќе неколку години примаат ваков отпад, тој ќе работи с` додека менаџментот не одреди каква ќе биде идната соработка со општините. Во рециклажниот двор депонирањето е бесплатно, но граѓаните таму треба сами да ги однесат старите апарати, кои потоа завршуваат на означена локација во депонијата „Дрисла“.
Dnevnik.mk