Во врска со информацијата која ја објавија медиумите дека македонски оператори наплаќале на македонски корисници како да вртеле во роаминг, а додека биле на територијата на Македонија, ПРИСТИГНА ОБЈАСНУВАЊЕ што точно се случувало од Агенцијата за Електронски Комуникации (АЕК). Според пишувањата вакви случаи најмногу имало од операторот ВИП.
Ја објавуваме информацијата од АЕК во целост
Во врска со вашата објава од 17/11/2017 под наслов: Наплаќаат како да сте вртеле во роаминг иако сте во Македонија-Најмногу случаи кај Вип, сакаме да ве информираме за следново
Вистина е дека во пограничните региони на Македонија со Албанија во изминатиов период операторите од Македонија кои обезбедуваат мобилни услуги се среќаваа со проблеми во нивното секојдневно работење. Имено, во фреквенцискиот опсег 790-862 MHz во кој операторите во Македонија обезбедуваат услуги користејќи LTE технологија постојано имаа пречки во нивната работа за што тие информираа во АЕК. По спроведени мерења констатирано беше дека сигналот на операторите од Македонија беше деградиран од сигнали кои потекнуваат од територијата на Албанија и тоа сигнали од радиодифузна служба (аналогна и дигитална телевизија). АЕК веднаш реагираше до АКЕП (регулаторно тело надлежно за електронските комуникации во Албанија), до АМА (регулаторно тело надлежно за електронските комуникации во радиодифузна служба во Албанија) и до нивното Министерство надлежно за електронските комуникации.
Одговорот од нивна страна беше дека во Албанија сеуште не е спроведена дигитализација во опсегот од 800 MHz, koj согласно документите на Меѓународната унија за телекомуникации (ITU) и Конференцијата за европски пошти и телекомуникации е пренаменет за копнено мобилна служба иако рокот кој Европската Комисија и го зададе на Албанија беше 17/06/2015. За информација, Македонија ја спроведе дигитализацијата на овој опсег уште на 01/06/2013 (т. н. Дигитална Дивиденда 1).
Притоа воопшто не станува збор за слабеење насигналот на Македонските оператори како што има наведено. Незадоволни од овој одговор на надлежните институции во Албанија, АЕК се обрати и до ITU да помогне во надминувањето на овој проблем. За овој проблем беше информирана и македонската Влада преку Министерството за информатичко општество и андминистрација. Дури после подолг период на преговарање и притисок од страна на АЕК, конечно Албанија ги исклучи телевизиските предаватели кои работеа во овој фреквенциски опсег што се потврдува и од нашите мерења (во прилог ви доставуваме и мерење од денес, 20/11/2017). Како потврда може да се смета и мејлот добиен од АКЕП дека телевизиските предаватели се исклучени.
Од 16/11/2017 македонските оператори непречено обезбедуваат услуги кон своите корисници со задоволителен квалитет.
Наводите дека во Чаир некој косовски оператор поставил опрема се навистина неточни, нема таков случај. Едноставно тоа не е возможно, пред се од причина дека ваква опрема неможе да се внесе во Македонија ниту легално ниту пак на било кој друг начин затоа што истата веднаш би била откриена од секојдневните мерења што ги прави АЕК. Се работи за постоење на оптичка видливост од Косово кон Македонија и тоа точно кон делот на Кале и Чаир каде што би можел да се прими сигнал од некоја од мрежите во Косово. Но и во спротивна насока, скоро до Приштина имаше сигнали од македонските оператори. АЕК пред неколку години го надмина овој проблем, се склучи Технички договор со АРКЕП (регулаторно тело надлежно за електронските комуникации во Косово) и секојдневно се проверува функционирањето на тој договор во кој се регулирани насоченоста на антените и снагите со кои зрачат базните станици во двете држави.
За случајот од Бугарија, веднаш по добиена дојава од еден од операторите во Македонија, АЕК во рок од еден ден спроведе мерења и го надмина проблемот, македонскиот оператор работи без проблем и во тоа подрачје.
Со почит,