Од четврток во Бугарија ќе биде задолжително носење маски и на отворен простор, со цел подобро справување со епидемијата на коронавирус.
– Очекуваме намалување на инциденцата доколку строго се следат мерките. Во други земји ова веќе се спроведува. Ќе им дадеме можност на бугарските граѓани да набават маски и веруваме дека од четврток маските на отворено ќе бидат задолжителни за сите, изјави денеска бугарскиот министер за здравство Костадин Ангелов.
– Нашата цел е да го намалиме бројот на заразени Бугари за да може помалку од нив да бидат примени во болници, и помалку да умрат, додаде Ангелов, пренесува БГНЕС.
Тој рече дека маските ќе бидат задолжителни најмалку до крајот на ноември.
Бугарскиот министер уште рече дека во Софија ќе биде стациониран Национален логистички центар, кој ќе работи како кол центар, 24 часа, седум дена во неделата.
– Државата ќе биде поделена на шест големи административни области. Овој центар ќе има задача да спроведува ефикасна логистика на сите процеси меѓу сите институции деноноќно, појасни Ангелов.