Во сите центри за јавно здравје во Македонија од денес првпат ќе функционираат советувалишта за откажување од пушење. Стручен и обучен кадар од доктор и медицинска сестра ќе одржуваат едукативни предавања во советувалиштата, а во зависност од околностите, предвидена е соработка и со други кадри, како психолог.
Го најави министерот за здравство Никола Тодоров, кој појасни дека советувањето ќе биде бесплатно.
– Од денес до средината на август, советувалиштата ќе бидат достапни за лекарите. Од 20 август советувалиштата ќе бидат достапни и за сите заинтересирани граѓани кои ќе се обратат во Центрите за јавно здравје, а воедно ќе бидат воведени и посебни термини наменети за советување за откажување од пушење кај адолесцентите, рече Тодоров.
Тој информира дека со Програмата за работа на овие советувалишта првично се опфатени здравствените работници кои се пушачи. Се почнува со околу 100 здравствени работници, вработени во самите Центри за јавно здравје каде се спроведуваат советувалиштата, а потоа и останатите здравствени работници од сите јавни здравствени установи во Македонија со цел понатаму да можат да придонесат кон одвикнување од пушење кај нивните пациенти.
Секој Центар за јавно здравје, како што рече, изготвува план за работа на советувалиштето, кој ќе биде достапен на веб-страниците на центрите. Овие едукации ќе се одржуваат двапати неделно по два часа. Во Центарот за јавно здравје во Скопје, советувалиштето ќе работи во вторник и четврток од 13 до 15 часот.