Според сегашните пресметки, на околу 300.000 вработени во приватниот сектор им следува регрес за годишен одмор од околу 8.500 денари, кои треба да ги добијат од 1 јуни до крајот на годинава.
Работниците во приватниот сектор од понеделник треба да почнат да добиваат регрес за годишен одмор, таканаречен К15, чија исплата од годинава е задолжителна и произлегува како обврска за работодавците од Општиот колективен договор за стопанството. Со тој договор висината на регресот е утврдена на 40% од просечната републичка нето-плата за претходниот месец и според сегашните пресметки, изнесува околу 8.500 денари.
Регресот во таа висина им следува на сите вработени во приватниот сектор, кои ги има околу 300.000, без разлика колкава плата примаат. Услов е само да се биде вработен во конкретната фирма најмалку шест месеци. Рокот за исплата на К15 е од 1 јуни до крајот на годинава. Доколку работодавецот ја избегне оваа обврска, ќе плати парична казна во висина од една до четири илјади евра во денарска противвредност.
Кој исплатил К15, а кој не ќе се знае до крајот на годината, но трудовите инспектори и синдикалците веќе се мобилизираат. Од Сојузот на синдикати на Македонија веќе најавија кампања за запознавање на работниците со нивните права, а некои грански синдикати веќе контактираат со работодавците за да ја согледаат состојбата на терен.