Од почетокот на идната година повторно ќе се оданочува добивката која фирмите нема да ја реинвестираат. Односно, данок на добивка ќе се пресметува во случај ако компаниите добивката не ја распределуваат како дивиденда, но ја задржуваат на својата сметка.
Добивката која фирмите ќе ја реинвестираат, пак, и во иднина нема да се оданочува, односно ќе има нула стапка на данок. Ова го предвидува Предлог- законот за данокот на добивка, кој денеска Комисијата за буџет му го предложи на Собранието.
„Во постојниот закон е наведено дека добивката се оданочува само ако се распределува за дивиденда. Ова беше антикризна мерка која беше воведена во 2009 година, која им помогна на фирмите да не плаќаат данок на добивката што не ја распределуваат за дивиденди. Со оглед дека европската економија излезе од криза и има позитивни движења во македонската економија, со овој закон се предлага и натаму да не се оданочува добивката што се реинвестира, а нераспределената добивка што се задржува на сметка, а не се реинвестира, веќе ќе биде соодветно оданочена“, објасни министерот Зоран Ставрески.