Цените на роаминг услугите во земјите од Западен Балкан ќе се намалат од крајот на јуни идната година, објави подгоричкиот весник „Дневне новине“.
Според весникот, на средба на регулаторните тела на државите од регионот во Белград, било договорено новите тарифи за мобилната телефонија да почнат да важат од средината на летото, а не од почетокот на 2015, како што беше претходно најавено.
Од идното лето разговорите и праќањето пораки во роаминг ќе биде за 50 отсто поевтино, а цената на интернет услугите ќе биде за девет пати пониска од сегашната.
Намалувањето на цените за роаминг услугите се прави врз основа на договорот што кон крајот на септември во Будва го потпишаа Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, користејќи го примерот на ЕУ.
Со договорот, се предвидува максималните цени на разговорите, испраќањето пораки и преносот на податоци преку мобилната телефонија во роаминг, да бидат на ниво на цените во земјите-членки на ЕУ.
Граѓаните на ЕУ од 1 јули годинава плаќаат за 50 отсто пониски цени во роаминг, како прв чекор кон целосното укинување на оваа тарифа, кое е предвидено до крајот на 2015 година.