Цените на дизел горивата од ноќеска на полноќ поевтинуваат за еден денар, а бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 поскапува за половина денар по литар, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со одлуката се врши намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,59, односно за 1,21 отсто.
Новата малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 68, а цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 е непроменета, односно 69,5 денари за литар. ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) ќе се продава за 59,5, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 48 денари за литар.
Со одлуката на РКЕ за 0,807 денари за килограм се намалува и малопродажната цена на мазутот М-1 НС и ќе изнесува 29,099 денари.
Како причина за промената на малопродажните цени на нафтените деривати од РКЕ ги посочуваат за 0,7 отсто пониската просечна цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатие 14 дена и за 1,28 отсто понискиот курс на доларот во однос на денарот.