Девет години изминаа од трагичниот настан на Охридското Езеро кога при потонувањето на бродот „Илинден“ животот го загубија 15 лица, туристи од соседна Бугарија.
Делегации на Општина Охрид, на Конзулатот на Република Бугарија во Битола, претставници на Здружението на граѓани „5-ти септември” од Охрид, на Капетанијата и граѓани денеска положија цвеќе на споменикот поставен на Кејот на Охридското Езеро во знак на сеќавање на жртвите во несреќата.
– Како што стои и на самиот натпис на споменикот, тука сме да не се заборави тој трагичен настан и да не се повтори. Ние сме два братски народи, не поврзуваат многу нешта, па дури и вакви несакани случки, рече градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски најавувајќи средби со претставници на Амбасадата на Бугарија како и на општините од местата од каде беа жртвите, со цел да се реализира проектот за изградба на соодветно спомен-обележје на местото каде и се случи несреќата.
Трагичниот настан се случи на 5 септември 2009 година, во 10:30 часот, кога потона бродот „Илинден“ што со 57 патници сообраќаше на релација од Охрид за Свети Наум. Тоа саботно утро времето беше исклучително топло, езерото мирно, ништо не навестуваше дека ќе се случи најголемата бродска несреќа во историјата на пловидбата на Охридското Езеро. „Илинден“ се преврте и потона на околу 250 метри оддалеченост од брегот на езерото, кај автокампот „Елешец“.
Осум од жртвите беа жители на општина Антон, четворица од општина Пирдоп и по еден од општините Златица, Мирково и Рибарица.