Одбраната поднесе жалба за притворот на Мијалков


Одбраната на екс шефот на УБК Сашо Мијалков го обжали решението на судот со кое му беше определен притвор од 30 дена.

Во жалбата навеле дека судот спротивно на законот му определил притвор без притоа да го сослуша.

Жалбата до Апелациониот суд е поднесена во законскиот рок кој го определи Кривичниот суд.

Со оглед на тоа што се работи за предмет во врска со кој е побаран притвор а за кој веќе тече судска постапка, надлежна да одлучува по жалбата е Апелација.

Од повисокиот суд велат дека ќе биде доставена до Специјалното обвинителство за да се добие мислење.

И откако ќе заврши постапката со прибавување на мислења, доколку побара одбраната на Мијалков ќе се закаже јавна седница за да ја образложи жалбата, по што судот во рок од 48 часа ќе треба да донесе одлука.

На барање на Специјалното јавно обвинителство во вторникот Кривичниот суд му определи притвор на Мијалков кој е обвинет во случајот Тврдина – Таргет, поврзан со масовното прислушување. Според сознанијата на обвинителството Мијалков се подготвувал да бега.

Во решението судот заклучи дека постои таква опасност но таквата можност ја поткрепува и со сознанијата на Управата за финансиско разузнавање дека обвинетиот располагал со две сметки на кои има 11 милиони евра.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1