Одложено е судењето за случајот „Дива населба“, поради болест на судијката Верка Петковска , јави репортерот на „Макфакс“, а ново рочиште е закажано за 31 мај, во вторник.
Судењето за овој случај требаше да се одржи во големата сала на Врховниот суд, поради големиот број обвинети и адвокати, како и големиот интерес на јавноста.
Иако претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделковска соопшти дeка не може да се користи оваа сала бидејќи била наменета за свечености, сепак салата е дадена на користење на Кривичниот суд, со одлука на Владата потпишана од вицепремирот, Зоран Ставревски на 17 мај.
Судењето за „Дива населба“, кумановскиот вооружен судир што се случи пред една година, треба да почне од почеток бидејќи судот ја спои постапката со случајот „Молња“, односно со логистичарите кои беа уапсени пред неколку месеци.
Сега, обвинети во случајот се 37, а ги бранат 15 адвокати.
Во судирот во Куманово, кој траеше речиси два дена, загинаа осум македонски полицајци и десет припадници на вооружената група, а обвинети се 29 лица кои одговараат за тероризам.