Повеќе од стотина жени во САД ја тужеле фармацевтската компанија „Ендо фармацеутикалс“ бидејќи забремениле поради грешка во пакувањето на контрацептивните таблети.
Тужбата ја поднеле 117 жени во Филаделфија, а од нив 113 останале бремени, додека 94 на крај и родиле, пишува „Си-ен-би-си“.
Во тужбата се наведува дека таблетите се „погрешно и опасно дизајнирани, произведени, продадени и дистрибуирани“ и дека на овој начин се родени 94 деца коишто не биле планирани. Во тужбата се бара судење со порота и надомест на штетата: „Во некои случаи се бара полна цена на одгледување на детето – вклучувајќи ја и едукациајта – до 18 години“. Судскиот спор и отштетата кои се бараат се проценуваат на околу 245.340 американски долари.
Хедер Зоумас Лубески, портпаролот на компанијата „Ендо“ изјавила дека политиката на компанијата е ништо да не коментираат додека трае процесот и дека компанијата е свесна тужбата против својата филијала, пишува „Си-ен-ен“.
Компанијата потврдила дека само едно пакетче со антибеби-таблетите било неисправно и истото е продадено само на една пациентка пред четири години.
Таблетите за контрацепција го поттикнуваат лачењето на двата хормони на естроген и прогестерон во телото на жената. Тие хормони превенираат јајце-клетката да се оддели од јајчникот и го залажуваат телото да мисли дека жената е веќе бремена.