Општина Охрид сака дел од спомениците од контроверзниот проект „Скопје 2014“ да се префрлат во Охрид. Градоначалникот Јован Стојановски вели дека за почеток бараат да биде дислоциран споменикот на Цар Самоил, за кој вели дека местото му е во Охрид. Но, ќе почекаат да заврши целата ревизија на проектот која ја води комисија во рамките на Министерството за култура.
„Нашиот став е дека местото на Цар Самоил е во Охрид и затоа имаме намера во понатамошниот дел, до завршувањето на ревизијата, да побараме тој споменик да биде дислоциран во Охрид. Да почекаме и очекуваме во скоро време позитивен исход“, рече Стојановски.
Стојановски вели дека досега имале разговори и со премиерот и со Министерството за култура по однос на ова прашање. Вели дека размислуваат и за можна локација каде споменикот би бил поставен. Неодамна и од здружението Богојавление од Охрид испратиле барање до локалната самоуправа да се заложи споемникот на Христо Узунов кој исто така е дел од проектот „Скопје 2014“ да биде донесен во Охрид.