Оливер Драгоевиќ: Веќе ја поминав првата тура на хемотерапија


На славниот хрватски кантавтор Оливер Драгоевиќ пред повеќе од две недели во сплитскиот КБЦ му е дијагностициран потежок облик на болест на белите дробови, но освен заздравувањето, негова желба се мир и приватност, пишува хрватски „Вечерњи лист“.

– На сите им се благодарам на грижата, но она што сега ми треба е мир – рекол Оливер за „Вечерњи лист“.

Оливер се повлекол во Веле Лука, место на островот Корчула каде што има семејна куќа, а кое со години секое лето претставува негова оаза на мирот така што и овој период таму престојува со семејството, сопругата Весна, синовите, снаите и петте внуци. Во посета му доаѓаат и блиски пријатели кои, исто така, како и остатокот на јавноста, ги шокираше непријатната дијагноза.

Оливер самиот признал дека му е пронајдено туморно ткиво и веднаш почна да се шпекулира дека станува збор за рак на белите дробови, но Оливер тоа не го потврди. Наводно на белите дробови му е пронајдена маса, а сè уште не пристигнале резултатите од сите анализи коишто пејачот ги направил.

– Не можам на сите да им ја читам лекарската дијагноза. Некои работи се премногу лични. Дијагнозата е таква каква што е, јас се лекувам, веќе бев на хемотерапија, сега следува продолжение и се ќе биде во ред – рекол Оливер за „Стори“.

За болеста дознал пред повеќе од две недели кога му се слошило на погребот на пријателот, музичарот Реми Казиноти, а до тој момент, наводно, добро се чувствувал.

Тој, како што вели, сега се чувствува добро, а соседите на Корчула велат дека Оливер одлично се држи, дека не ослабнал. Поздрави и најдобри желби му испраќаат и многу колеги од естрадата. Славниот музичар, велат упатените, е концентриран на заздравувањето и размислува позитивно.

– Кога ќе сфатите дека времето лета, ве фаќа паника. Не е тоа најава на крајот, туку размислувања низ коишто поминуваат сите постари – рекол Оливер Драгоевиќ.

„Слободна Далмација“ пак, пишува дека подготовките за неговиот роденденски концерт во Сплит се одвиваат нормално.

Имено, на средината на декември Оливер ќе наполни 70 години, а роденденот ќе го одбележи со голем концерт во Спаладиум Арена. Кантавторот годинава прослави и 50 години кариера за време на која оствари успеси за кои многумина можат само да сонуваат, но тој никогаш не се навикна и нема да се навикне на живот под лупа на јавноста.

На славниот Далматинец никогаш не му било важно кое место го зазема на естрадата, колку е славен и познат – важни му се музиката, семејството и морето. Затоа, ни медиумското внимание коешто му е посветено изминативе денови нималко не му годи. Особено, бидејќи станува збор за чувствителна тема за секој човек – здравјето.

Неволно се помирува со претераното внимание коешто неговата дијагноза го предизвикала. И покрај тоа, уште еднаш покажа колку е голем, не само како уметник, туку и како човек.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1