Пратениците од опозицијата, кои си поднесоа оставки на функциите веднаш по нивниот избор за пратеници, дојдоа на ред за собраниската процедура, објавува дневниот весник „Вест“.
Во рок од 15 дена, собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања треба да закаже седница на која ќе го разгледа извештајот за редовноста на пратениците. Генералниот секретар на Собранието Жарко Денковски, на координативната средба во Парламентот, го достави извештајот со отсуствата. Триесет и еден пратеник од опозицијата отсуствувале шест месеци, на 22 собраниски седници. Отсуствата во работните тела на Собранието не им се бројат, бидејќи никој од нив не е избран во собраниските комисии.
Откако Комисијата ќе го разгледа извештајот за отсуствата, предлогот треба да биде ставен на дневен ред на седница на Собранието.
Мислењето на оваа комисија може да биде дека овие пратеници биле неоправдано отсутни, по што ќе даде предлог до Собранието и тоа со двотретинско мнозинство од гласовите на пратениците ќе треба да им ги одземе мандатите. Може да одлучи и дека отсуството им е оправдано, дека не доаѓале шест месеци, бидејќи биле објективно во оставка.
Во Собранието велат дека најважно е што поради инаетењето на опозицијата и на власта, легнаа 186.000 евра како плата на сметките на опозиционите пратеници, кои од почеток се изјаснија дека поднесуваат оставки на функциите, а парламентарното мнозинство никогаш не им ги прифати, зашто никогаш и не беше закажана седница за ваква точка.
Извештајот за присутноста на пратениците беше побаран откако на 10-ти овој месец истекоа шест месеци од верификацијата на 34-те мандати на пратениците од опозицијата од страна на Собранието.