Унгарскиот премиер Виктор Орбан пристигна во Москва за да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Потегот на Орбан предизвика укор од лидерите на Европската унија, кои јасно ставија до знаење дека унгарскиот премиер нема да го претставува Брисел за време на неговиот престој во Русија.
Пред заминувањето, Орбан на државното радио изјави дека Брисел не и дал мандат на Унгарија да промовира мир во Украина, но Унгарија може да биде „добра алатка во рацете на луѓето кои сакаат мир“. „Мировната мисија продолжува. Втора станица: Москва“, напиша Орбан на Х по неговото слетување.
Во понеделникот Унгарија го презеде шестмесечното ротирачко претседавање со Советот на Европската унија. Во вторникот Орбан го посети украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев, а сега одлучи да замине во Москва во „мировна мисија“, само неколку дена пред самитот на НАТО.
Претседателот на Русија, Владимир Путин денеска изјави дека очекува унгарскиот премиер Виктор Орбан да зборува за Украина како претседавач со ЕУ, и покрај критиките за неговата посетата од лидерите на ЕУ.
– Разбирам дека сега дојдовте не само како наш долгогодишен партнер, туку и како претседател на Европскиот совет, истакна Путин на почетокот на средбата со Орбан во Москва.
Тој додаде дека очекува Орбан да ја изнесе „позицијата на европските партнери“ за Украина.
Посетата на унгарскиот премиер Виктор Орбан на Москва се одвива исклучиво во рамките на билатералните односи меѓу Унгарија и Русија и тој нема добиено никаков мандат од Советот на ЕУ за посета на земјата, наведе високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
– Унгарија сега е земјата членка на ЕУ која го извршува ротирачкото претседавање со Советот до 31 декември 2024 година, но тоа не повлекува никакво надворешно претставување на Унијата, што е одговорност на претседателот на Европскиот совет на ниво на шефови на држави или влади и на висок претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност на министерско ниво, се додава во писмената изјава на Борел.
Германскиот канцелар Олаф Шолц вети дека поддршката на Европската унија за Украина нема да ослабне и покрај денешното контроверзно патување на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Москва.
„Орбан не ја претставува ЕУ на посетата“, рече Шолц.
Тој нагласи дека „јасната порака на блокот е дека Украина може да смета на нашата солидарност, додека (рускиот претседател Владимир) Путин не може да смета на опаѓање на нашата солидарност и поддршка“.