На страницата на македонскиот Институт за акредитација поставена е снимка од палење на нашето државно знаме, како и заканувачки пораки до Македонија, пишува Телеграф.мк
Хакерска група именувана Косовски воини (КВГ) почна да ги напаѓа интернет страниците на нашите државни институции поради, како што велат, одмазда за воведувањето такса за влез на косовски граѓани и возила во земјава. Прва на удар се најде страницата на нашиот Институт за акредитација.
Наместо податоци за активностите на институтот поставена е снимка од палење на македонското знаме, а под нејзе следи текст на албански јазик со заканувачки и националистички пораки до Македонија. Хакерската група КВГ во соопштението се заканува дека доколку остане таксата од две евра по лице и пет евра по автомобил за косовски граѓани, ќе нападнат интернет страници на наши владини институции, болници, училишта…
Меѓу страниците на кои извршиле упад е и таа на Бирото за судски вештачења. Страницата, како што може да се види е целосно избришана и недостапна за пристап.
Македонската Влада ја воведе мерката за косовските граѓани, откако во петокот владата на Косово, без најава, забрани влез на македонски стоки на нивна територија. Од денеска косовската влада воспостави и целосно ембарго за наши производи.
Трговската војна резултира и со блокада на граничниот премин кон Косово, каде превозници со своите камиони го блокираа сообраќајот.
Телеграф.мк