Почина Џон Глен, првиот Американец кој ја обиколи Земјата. Имаше 95 години.Глен беше астронаут во пензија и познат како американски херој, пионер во науката, но и човек кој во секој аспект на животот гледаше дар од Бога.
Поранешниот воен пилот и американски сенатор, умрел во една болница во градот Колумбос, во сојузната држава Охајо, кадешто пред седум денови бил префрлен на лекување.
Тој ќе остане запаметен по неговата „историска“ обиколка на земјината топка, во 1962 година, во капсулата „Пријателство“, но и по големиот подвиг што го направи 36 години подоцна.
Во 1998 година, Глен на 77 годишна возраст, одново леташе кон вселената, како еден од членовите на екипажот на спејс-шатл програмата, со што стана најстариот човек во светот кој престојувал во вселенскиот простор. По заминувањето од НАСА, Глен се префрли во американската политика и беше 25 години сенатор на Демократската партија.
Во 1984 година, учествуваше и во трката за номинација за тогашните претседателски избори во САД.
Џон Глен е роден 1921 година во Охајо.
Глен беше астронаут во пензија и познат како американски херој, пионер во науката, но и човек кој во секој аспект на животот гледаше дар од Бога.
„За мене е невозможно да гледам ваква креација, а да не верувам во Бог“, изјавил Глен пред новинарите во 1998 година, кога се вратил од своето последно патување во вселената, на свои 77 години.
Во текот на неговите вселенски патувања се молел секој ден. Сметал дека нема ништо контроверзно во тоа што е човек кој верува и во наука и во религија.Во интервју што го дал минатата година, Глен истакнал дека поддржува изучување на еволуцијата во училиштата.
„Не гледам дека на кој било начин сум помалку религиозен заради тоа што умеам да го ценам фактот дека науката ги бележи нашите промени со еволуцијата и времето. Тоа е факт. Тоа не значи дека е помалку чудно и не значи дека не постои некоја поголема сила која управува со се што се случува“, изјавил Џон Глен и додал дека науката и верата може да коегзистираат и на највиско ниво.