Средбите на бугарскиот премиер Бојко Борисов и министерката за надворешни работи Екатерина Захариева со македонскиот претседател Ѓорге Иванов, планирани за утре во Софија – се откажани од бугарска страна. Бугарските медиуми тврдат дека причина за тоа е одлуката на Иванов да ја прекине вчерашната средба со македонскиот премиер Заев и шефот на дипломатијата Димитров, на која му го предадоа договорот со Грција за решение на спорот за името и одбивањето да даде поддршка за документот.
Бугарската влада објаснува дека не сака да се меша во внатрешните работи на соседот, истакнувајќи дека нејзината позиција и на целата меѓународна заедница е принципиелно јасна, а дека е јасна и позицијата на македонскиот претседател.
„Бугарската влада не гледа причина да биде искористена за внатрешни политички дебати во Скопје. Клучно за идниот развој на нашата соседна држава е интеграцијата во ЕУ и НАТО и тоа не смее да се доведува во прашање“, велат од бугарското Министерство за надворешни работи за агенцијата БГНЕС.