Невреме со силен ветер, грмежи и врнежи попладнево го зафати Куманово. Оштетен е најмалку еден автомобил во централното градско подрачје.
– Силниот ветер откорнал дрво кое паднало врз автомобил лоциран на улицата „Моша Пијаде“. Врз дрвото има и електрични кабли, скинати од силината на ветерот, соопштија од подрачната единица на Регионалниот центар за управување со кризи.
Оттаму информираат дека известени се сите надлежни институции, како и ЕВН кои веднаш се упатиле кон локацијата.
Од подрачната единица на Регионалниот центар за управување со кризи соопштија дека во општина Старо Нагоричане, на локалниот пат кој води од село Војник кон викендиците има откорнато неколку дрвја, багреми во должина од околу 500 метри. Патот е блокиран. За причинетите штети од невремето, аларамирани се локалната власт, ЕВН и други надлежни институции.
Градоначалникот на општина Старо Нагоричане Милован Стојковски е на терен и потврди дека има неколку оштетувања на далноводи и паднати стебла, тополи во близина на село Драгоманце, но и паднати дрвја на неколку други локации.
Тој информираше дека во расчистувањето на штетите е вклучена тамошната проивпожарна служба. За состојбите на терен информирани се екипите на ЕВН, кои веднаш интервенираат. Градоначалникот Стојковски додаде дека за неколку часа ќе има повеќе информации од терен.
Силниот ветер предизивикал штети на електрични кабли на неколку локации во Куманово, по што дошло до мали пожари кои веднаш биле локализирани. Од територијалната противпожарна единица во Куманово информираат дека интервенирале на неколку локации каде по кинење на каблите, поради силниот ветер, дошло до краток електричен спој, при што горела сува трева на незначајна површина. Вакви мини пожари, поради иста причина се случиле на неколку локации, во близина на Средното училиште во Долно Којнаре, во населбата Иго Тричковиќ на улицата „Б.Б Гуцман“ и на улицата „Индустриска“.
И од Јавното претпријатие „Македонија Пат“, секција Куманово информираат дека излезени се на терен две екипи.
– Првата интервенира на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, каде се чистат наноси и одрони, а втората екипа работи на магистралниот пат Куманово-Крива Паланка, каде се расчистуваат паднати гранки, рече раководителот на кумановската секција на ова јавно претпријатие Тихомир Ангеловски.
Директорот на ЈП „Чистота и Зеленило“ Сашо Петрушевски соопшти дека екипи на претпријатието интервенирале во расчистување на откорнати дрвја и гранки на неколку локации, на улиците „Моша Пијаде“, „Прозорска“ и во населбата Средорек.
Без електрична енергија се жителите на Доброшане.