Пет лица се идентификувани и повикани на разговор во полицијата за вчерашната физичка пресметка помеѓу повеќе лица што се случи на улицата Гвадалахара, во Шуто Оризари, извести МВР
„МВР информира дека веднаш по добиената пријава за нарушување на јавниот ред и мир, преземени се мерки за расчистување на кривично-правниот настан. Идентификувани се и повикани на разговор пет лица кои учествувале во тепачката и во постапка е прибирањето докази за понатамошно постапување“, стои во соопштението.
Од Министерството за внатрешни работи најостро ги осудуваат сите облици на насилство, а особено во текот на изборната кампања.
„Изборниот процес, се истакнува, е наменет за преставување на кандидатите и нивните програми и Министерството смета дека тоа е единствениот начин преку кој граѓаните треба да бидат запознаени со учесниците во изборниот процес. Секаков обид за нарушување на демократскиот изборен процес и загрозување на безбедноста на граѓаните ќе биде соодветно санкциониран“, посочуваат во соопштението