„Отвори ја оваа проклета врата“, го преколнувал капетанот на авионот „Airbus A320“ на германската компанија „Germanwings“ својот копилот кој ја намалувал височината на која летал авионот додека патниците врескале неколку минути пред катастрофата.
Овие информации се добиени од „црната кутија“ што ги регистрира звуци во пилотската кабина објави германскиот дневник Bild во своето денешно издание. Претходно беше објавено дека капетанот на летот со секира до последните секунди се обидувал да ја скрши заклучената однатре врата од пилотската кабина за да ја спречи трагедијата.
Државниот обвинител во француски Маресеј, Бри Робен, уште во четвртокот изјави дека снимката покажува дека 28-годишниот копилот Андреас Лубитц ја заклучил вратата од пилотската кабина откако капетанот излегол, најверојатно во тоалет, и ја вклучил командата за спуштање на авионот на височина од 30 метри. Меѓутоа, обвинителот не изнесе поединости од разговорот меѓу двајцата пилоти.
Според Bild, записот од „црната кутија“ потврдува дека во првите 20 минути од летот капетанот Патрик С и Андреас Лубитц воделе вообичаен разговор. Капетанот потоа му рекол на вториот дека на поаѓање од Барселона немал време да оди во тоалет.
Во 10.27 часот пилотот бара од Лубитц да го подготви слетувањето во Диследорф, во западна Германија. Овој изговара неколку зборови: „Се надевам“ и „Ќе видиме“. Потоа капетанот оди во тоалет и леталото почнува да понира.
По неколку минути се слуша „силно тропање“, како некој да се обидува насилно да влезе во пилотската кабина, пишува весникот. Потоа се слуша гласот на капетанот: „Отвори ја вратата, до бога те молам“. Во заднината се слуша како патниците врескаат, истакнува весникот. Пилотот несомнено се обидува да ја провали вратата со секира и вика „Отвори ја таа проклета врата!“.
Околу 10.40 часот се слушаат крици на патници кога авионот со брзина од 700 километри на час удира во падина на планината и во момент се распаѓа. Тоа е последното што се слуша на снимката од летот во кој загинаа 150 патници и членови на екипажот.
Другиот германски весник Welt am Sonntag и во неделата пишува дека иследниците на несреќата во домот на Лубитц пронашле „голем број лекови“ за „психички болести“. Пилотот боледувал од „тешка депресија“, покрај тоа бил и во голем стрес и за неговото здравје се грижеле „неколку невролози и психијатари“.
Во петокот државното обвинителство во Диселдорф објави дека во неговиот дом биле пронајдени и искинат упати на боледување Лубитц, колку што е засега познато, не оставил проштално писмо коешто би упатувало на причините за оваа несреќа.
Весниците Bild и The New York Times, пишуваат и дека копилотот покрај психичките проблеми имал и проблеми со видот, па можел да биде прогласен за неспособен, и да не се оствари неговиот сон да стане капетан на прекуокеански летови.
Францускиот полициски функционер Жан-Пјер Мишел кој во саботата престојуваше во Диселдорф заедно со трочлена делегација која соработува со германските истражители, изјави дека најверојатно станува збор за намерен чин, но не ја исклучи и можноста од ненамерна грешка и технички недостаток на леталото, кошето според претходните извештаи во понеделникот целиот ден било приземјено поради проблем со механизмот за повлекување на тркалата кон клунот на авионот.