По снежните врнежи во последните денови во Париз, главниот град на Франција замрзна, а температурата изнесува минус десет Целзиусови степени. Бројните возила останаа блокирани на патиштата од вторникот вечерта, особено во југозападниот дел на Париз.
Париските власти ги советуваат граѓаните да не ги користат нивните возила, а градскиот превоз е во хаос – возовите доцнат, неколку автобуски линии во градот се затворени.
Компанијата „Ер Франс“ денеска откажа неколку летови на аеродромот „Шарл де Гол“, додека други авиокомпании ги советуваат патниците пред пристигнувањето на аеродромот да се распрашаат дали нивните летови ќе доцнат или се откажани.
На главните железнички станици од каде што тргаат возовите на долги меѓуградски релации, сообраќајот се одвива со доцнење од 30 минути до еден час. Во неколку делови од Париз се затворени и училиштата.