Нема никаква злоупотреба и пречекорување на службената положба и прибавување парична корист за друг при ископувањата што се вршеа кај Драмски рид, делчевско и на патот Велешко езеро – Катланово, рече Паско Кузман, поранешен директор на Управата за заштита на културното наследство, во вторник пред судот.
Според него, локациите во делчевско и во катлановско воопшто не се наоѓале на археолошката карта и не биле археолошки локалитети, јави Макфакс.
Управата за заштита на културното наследство издала согласности на физички лица, граѓани на Македонија, нестручни лица за изведување на земјени работи за проверка на наоди за постоење на културно наследство и скриено богатство.
При тоа, Управата побарала асистенција од МВР и Бирото за јавна безбедност, во случај да биде откриено скриено богатство и евентуално културно наследство кое би било во сопственост на државата.
– Мојата најискрена мотивација при реализација на овој потфат, а верувам дека тоа било мотивација и на целата Управа, беше во случај да биде откриено скриеното богатство Управата да биде таа што ќe придонесе за нашата држава бидејќи тоа богатство би било подржавено, рече Кузман.
Тој го праша Обвинителството, која друга институција освен Управата би можела да издаде такви согласности на други лица за барање скриено богатство.
Во својот исказ тој тврдеше дека на МВР исплатил над три милиони денари буџетски пари за полициска асистенција.
– Искрено, не мислев дека треба да им се исплатат овие финансиски средства на МВР бидејќи сите ние работевме во корист на државата и тие средства се буџетски, рече Кузман.
Според него, во случај да било откриено културно наследство, тогаш физичките лица би се надевале на награда што и законски би им следувала.
Во судскиот процес за „Фаланга 2″ им се суди на вкупно 15 обвинети меѓу кои и на поранешниот директор на Управата за заштита на културното наследство, Паско Кузман. Двајца од обвинетите се во бегство и постапката за нив ќе се води одвоено.
Полицијата го сомничи Кузман дека заедно со уште тројца вработени во Управата во 2011 година незаконски издавале дозволи за ископување на локалитетите Драмски рид, Делчево и на патот Велешко езеро – Катланово и повикувале полициска асистенција да ги обезбедува археолошките локалитети и не плаќале, со што го оштетиле буџетот на МВР за 1,2 милиони денари.
На следното рочиште, на 8 октомври се очекува исказ во судот да даде Паско Кузман, кој е во куќен притвор.