Најмалку четворица патници загинаа, а десетици се повредени во тешката железничка несреќа која се случи околу 07:20 минути по локално време во Бронкс, северното предградие на Њујорк.
Возот се превртел во близината на утоката на реките Хадсон и Харлем, а вагоните за малку не завршиле во вода.
Во вагоните имало патници кои се враќале во Њујорк по четиридневниот викенд околу Денот на благодарноста, во пресрет на утрешниот работен ден. Се работи за ран утрински воз, поради што немало многу патници во седумте вагони, од кои пет излетале од шините, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
– Седев на првото седиште, свртена со грбот напред кога излетавме. Треснав на скршено стакло кога вагонот се преврте. Имав песок во устата, но среќна сум што останав жива, изјави Дијана Џексон, една од патничките во возот.
Спасувачките служби во Њујорк потврдија дека има најмалку четири загинати патници. Полицијата и спасувачите доаѓаат и со бродови, за побргу да стигнат до заробените патници, меѓу кои има луѓе со тешки повреди. Пред неколку месеци, на истото место од шините излета товарен воз.