Пеглање, готвење и креативни игри за деца беа вештините кои ги усовршуваа учесниците на првиот саем за мажи насловен „И мажите можат“, на кој учествуваше портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.
Првиот саем за мажи се одржа во саботата во Јавна соба. Во рамки на саемот се одржаа три работилници насловени како „Мажите пеглаат“, „Мажите готват“ и „Креативни игри за деца“, а настанот е дел од националната кампања „И мажите можат“ која има за цел да го промовира вклучувањето на мажите и момчињата за родова еднаквост.
Учесниците ги градеа своите вештини во кујна преку подготовка на фамилијарен оброк и подготовка на привлечни и здрави оброци за деца по рецептите на Џорџ Георгиевски – таткото од Австралија со македонско потекло кој стана хит на социјалните мрежи со подготовка на ужинка и кој официјално даде поддршка и на македонската кампања „И мажите можат“, соопшти Здружението за социјални иновации „АРНО“.
На настанот учесниците исто така имаа шанса да стекнат вештини за пеглање, диплење и анимирање на деца со театар на сенки.
Инструктори на работилниците беа Антонио Ѓорѓиевски (професионален млад готвач кој готви и секојдневно за семејството), Самет Шабани и Александар Грујиќ (млади луѓе чие хоби е пеглањето) и Круме Стефановски (основач на театарската група „Сенки и облаци“ и посветен татко).
Во своите први чекори кампањата се фокусира на промовирање на позитивните примери на татковството и старателството во секојдневниот живот во семејствата, како и грижа во домот.
Кампањата се одвива во рамки на проектот „Вклучување на мажите и момчињата за родова еднаквост“, кој го имплементира Здружение за социјални иновации „АРНО“ во партнерство со Y-PEER Македонија со поддршка на Регионалната канцеларија на УНФПА за Источна Европа и Централна Азија.
Организации кои го поддржуваат проектот во Македонија се: Здружение Родова Перспектива, Здружение за еднакви можности „СЕМПЕР“ – Битола , Женски форум – Тетово, Женска Граѓанска Иницијатива АНТИКО, ЕХО Едукативно-хуманитарна организација, Тиииит !Инц и Организација жени на град Скопје и Национална мрежа против насилство врз жените и семејното насилство.
– Првпат во Македонија се случи ваков настан. Работилниците поминаа одлично и гледаме дека јавноста реагира на пристапот. Од аспект на иновација, овој пристап има голем потенцијал. Се разбира дека не е само прашањето на пеглање и готвење кога зборуваме за родова еднаквост, но вклучувањето на мажите и започнување на една широка дискусија за нивното вклучување е особено важно, велат претставници на „АРНО“.
– Овој настан го организиравме како перформанс за споделување на пораки на позитивни примери, но во иднина потребно се пошироки акции на сите нивоа на општественото живеење и сите заедно и мажите и жените застанат зад барањата за поголема родовата еднаквост. Само во општество кое е праведно и нуди еднакви можности и услови за сите може да случи вистински напредок, додаваат тие.
Иако денес жените претставуваат 40 отсто од вкупниот број на платена работна сила на светско ниво, жените и девојките и понатаму извршуваат најголем дел од задачите во домот. Ограниченото учество на мажите во грижата околу домот и негувањето кое се однесува на грижа за децата и грижа за другите во семејството и понатаму претставува пречка за родова еднаквост и јакнење на жените.
Постојат се поголем број на докази и истражувања кои потврдуваат дека ангажираното и одговорно татковство и учеството на мажите во животот на децата и семејството делува позитивно, не само за децата, туку и за жените и самите мажи, велат од „АРНО“.
Од Четвртата светска конференција за жени која се одржа 1995-та година во Пекинг до денешен ден има огромен напредок во остварувањето на правата и благосостојбата на жените и девојките. Сè уште сме далеку од постигнување еднаквост меѓу жените и мажите, но преку многуте остварени мерки во полето на здравство, образование, политичкото учество, сепак, ние денес сме поблиску до родовата еднаквост отколку што бевме 22 години. Секако овој напредок не е рамномерен во поглед на географската, општествената слика во светот, но тој е вистинит и реален, се додава во соопштението.