Пендаровски: Мојата задача е од денес натаму, во иднина, да направам подобар живот за граѓаните


Кандидатот за претседател на државата од СДСМ и Коалицијата Стево Пендаровски по гласањето денеска изјави дека очекува мирен изборен ден, а на крајот убедлива предност.

– Очекувам мирен и спокоен изборен ден, впрочем како што и доликува на една европска и демократска држава. Очекувам висока излезност, затоа што граѓаните знаат дека не станува збор за индивидуален избор, туку за избор на концепт според кој Република Северна Македонија треба да продолжи понатаму да се развива и да стане за еден кус временски период дел од евроатлантските структури. Се разбира, на крајот на денот очекувам да оствариме убедлива предност која ќе ни даде можност во вториот изборен круг дефинитивно да ја добиеме масовната поддршка на граѓаните за патот кој Република Северна Македонија го изминува во изминатите две години – а тоа е подалеку од изолацијата и поблиску до Европа каде што реално припаѓаме, изјави Пендаровски откако го оствари гласачкото право на избирачко место во Автокоманда.

Одговарајќи на прашања на новинари од соседството, Пендаровски кажа дека останува поддржувач на договорите со Грција и со Бугарија зашто, рече, тоа е „единствената можна европска рамка која нѐ влече од балканската кал кон Европа и начин на кој се решаваат споровите со кои се оди напред“.

-Доста веќе од конфликти. Балканот треба да го остави своето минато зад себе и со балканската историја да не се занимаваат актуелните политичари. Ако граѓаните ми дадат денеска доверба – мојата задача е од денес натаму, во иднина, да направам подобар живот за нив – не да зборувам дали Александар Македонски пред 23 века бил по националност не знам што, или некои од апостолите на ВМРО од 19 и 20 век. Тоа не е работа за актуелни политичари. Тоа би било трошење време и пари и назадување на земјата. Имаме грандиозен промашен проект во центарот на Скопје кој нè испокара со сите соседи и донесе длабоки поделби внатре во државата. Тој тип на анахрона националистичка и популистичка политика ми е туѓ. Ние мора да дадеме пример дека и од Балканот, конечно, може да доаѓаат позитивни вести за целиот регион, додаде Пендаровски.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1