Претседателот на државата, Стево Пендаровски, му го врачи мандатот на Оливер Спасовски, за формирање на техничка влада која треба да ги спроведе предвремените парламентарни избори на 12 април.
Спасовски се заблагодари на честа и можноста да биде мандатар на преодната влада.
„Наша задача ќе биде да направиме сè да продолжи државата со напредокот и да овозможиме фер и демократски избори. Сите институции да продолжат со истата динамика со цел да има просперитет за граѓаните на оваа држава“, рече Спасовски.
Претходно, Собранието ја констатира оставката на Зоран Заев од функцијата премиер. Новата техничка влада се очекува да биде изгласана на собраниска седница денеска, најдоцна до полноќ.
Спасовски на чело на Министерството за внатрешни работи, во преодната влада ќе го замени Наќе Чулев, ексдиректор на Агенцијата за разузнавање, кој е предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.