Петмина граѓани избегале од домашен карантин


Сите „бегалци“ се откриени од МВР и против нив се поднесени кривични пријави.

Кумановската полицијата ќе поднесе соодветен поднесок против две лица кои вчера не биле дома, иако им била изречена мерка медицински надзор и домашна изолација, информираа денеска од СВР Куманово.

-Вчера при вршење на контролите две лица на кои им е изречена мерка медицински надзор и домашна изолација од ДСЗИ првично не биле пронајдени дома и против нив ќе биде изготвен соодветен поднесок, информираа од полицијата.

Основното јавно обвинителство Струмица денеска поднесе обвинителен предлог против мајка и ќерка од Струмица на возраст од 56 и 35 години, поради основано сомнение дека сториле кривично дело – непостапување според здравствени прописи за време на епидемија од член 206 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.

Обвинетите вo Струмица на 27 и 28 февруари во повеќе наврати за време на епидемија на опасната заразна болест коронавирус – COVID-19 , не постапиле според посебните мерки за заштита на населението од заразни болести и определените мерки за сузбивање и спречување на заразна болест, како и донесените Решенија на Државниот санитарен и здравствен инспекторат со кои обвинетите се ставаат под здравствен надзор. Мерките им биле определени бидејќи имале престој во Пјаченца, Италија, се наведува во соопштението од Обвинителството.

На 27 и 28 февруари годинава, обвинетите во одделни случаи се симнале од станот во кои се спроведувале мерките за изолација пред станбениот објект, каде биле пресретнати од полициски службеници и предупредени да се вратат во живеалиштето и да ги почитуваат мерките. Обвинетите со вербална расправија се спротивставиле на службените лица, а предупредувањата не ги почитувале.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, ОВР Кичево поднесе кривична пријава против М.З.(53) од кичевското село Пласница. Тој денес е забележан како управува возило „фиат пунто“ на регионалниот пат Македонски Брод – Кичево, по што полициски службеници го сопреле возилото. Притоа е утврдено дека М.З. пред два дена на граничниот премин „Табановце“, при влез во државата, своерачно под полна морална, материјална и кривична одговорност потпишал изјава дека доаѓа од Република Словенија, која според Листата од СЗО е зафатена од епидемијата со коронавирус COVID – 19 и дека во времетраење од 14 денови во неговиот дом, во с.Пласница, ќе спроведе задолжителна самоизолација.
Пријавениот не се придржувал до одредбите во изјавата, ги прекршил мерките за самоизолација и постапил спротивно на прописите за спречување на појава, внесување, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на коронавирус COVID – 19, предвидени во одлуката на Владата и писмената наредба донесена од страна на Министерството за здравство.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1