Група од 60 туристи била присилена да повика спасувачка служба откако нивниот водич ги оставил на падината на австриска планина. Водичот во обиколка тргнал во алкохолизирана состојба, а потоа одеднаш исчезнал и ги оставил туристите да се снаоѓаат сами.
Се работи за група романски туристи, кои останале на половина пат во походот на планината Ракс, во Долна Австрија. Групата планирала да се искачи на планината и самиот поход требало да трае неколку часа. Меѓутоа, тогаш некој од туристите повикал спасувачка служба и им рекол дека се изгубиле, а дека водичот никаде го нема. Со оглед на тоа дека се подготвувало невреме, туристите не знаеле ниту каде се, ниту каде да се заштитат.
Ракс е планински венец кој се наоѓа на самата граница со австриските сојузни провинции Долна Австрија и Штајерска. Највисокиот врв е Хеукупе, кој се наоѓа на надмоврска височина од 2.007 метри. Ракс, заедно со соседното планинско подрачје е популарно за туристите, планинарите и авантуристите.
Овој крај има долга туристичка историја, па така во служба се павилјони изградени во 19 век, кои претставуваат вистинска атракција.
Иако Романците се спасени и вратени во своите хотели, се уште не се знае што се случило со водичот.