Децата кои се хранат со пилешко со коски се со поголема веројатност да се однесуваат агресивно и грубо во споредба со децата кои јадат чисто месо, покажува новото истражување, пишува британскиот весник “Мирор”.
Истражувањето беше спроведено од нутриционистите меѓу 12 деца на возраст меѓу 6 и 10 години, за да разберат дали храната влијае врз однесувањето. Резултатите ја потврдуваат теоријата на научниците за агресијата.
Според нив, децата ќе се однесуваат подобро, ако големите парчиња храна, како пилешкото копанче, бидат заменети со помали парчиња храна. Родителите треба да внимаваат што им служат на децата за вечера. ”Бидејќи гризењето на храната се зголемува нивото на активност, агресијата и непослушноста, можеби е подобро да не се служат пилешки крилца пред времето за спиење на децата”, велат научниците.
Клиничкиот психолог д-р Брајан Расел го отфрли категорично ова откритие на диетолозите.”Ова е апсурдно. Луѓето јадат пилешки крилца и копани со векови. Не мислам дека тоа ги прави децата агресивни”, изјави тој за Фокс њус.