Човекот кој себе си се нарекува „најсреќниот пилот на светот“, до сега преживеал 11 авионски несреќи превезувајќи илегални трагачи по злато и проститутки над џунглите во Бразил.
Растејќи во Итаитуба, Клингер Борхес до Вале имал две опции – да стане илегален копач на злато или пилот кој ќе ги превезува трагачите на злато низ шумите на Амазонија.
– Аеродромот во Итаитуба без сомнение е едно од најопасните места на светот. Ни сам не знам колку мои пријатели до сега загинале во авионски несреќи. Имав шестмина браќа, сите беа пилоти. Тројца загинаа – изјавил Клингер за британски „Гардијан“.
Овој пилот често морал да ги спушта авионите на импровизирани места за слетување, кои што претходно не биле расчистени.
– Кој било друг на мое место до сега би бил мртов – изјавил пилотот Клингер.
Овој, сега пензиониран, пилот вели дека имал огромна плата, а парите ги трошел во слободно време уживајќи во дроги и купување на луксузни автомобили.
– Одевме на забави, годишно купував по три автомобили, а на одмор со себе носев вреќи полни со пари. Но, денес веќе не е така. Деновите на раскош се минато, а ситуацијата е многу помирна. Лани имавме само две помали незгоди – раскажал Клингер.
Тој со мал авион низ Амазонија летал 40 години, превезувајќи копачи на злато и проститутки, носејќи опрема и враќајки се назад со злато.