Почина академик Георги Старделов


На 90-годишна возраст почина академик Георги Старделов, поранешен претседател на МАНУ, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и наука. Веста за неговата смрт ја соопштија од Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет на нивниот официјален Фејсбук.

– Во голема жалост ја споделуваме веста дека денеска, на 90 годишна возраст, почина академик Георги Старделов, еден од столбовите на македонската филозофска мисла и науката за убавото. “Plenus annis abiit, plenus honoribus“, напишаа од Филозофскиот факултет.

Погребот на академик Георги Старделов ќе се изврши на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје на 13 јануари (среда) 2021 година.

По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе одржат заедничка Комеморативна седница на 13 јануари (среда) 2021 година, во 10 часот, преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.

Академик Георги Старделов (Гевгелија, 28 август 1930) е филозоф, естетичар, есеист, литературен критичар и антологичар. Акад. Старделов завршил Филозофски факултет, група филозофија, на Белградскиот универзитет (1953), а постфилозофски студии минал на повеќе германски универзитети (Минхен, Фрајбург и Франкфурт).

Докторирал филозофски науки (1965) на тема Развиток на естетиката кај јужнословенските народи. Бил професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956 – 1996), негов декан (1975 – 1977), прв декан на интердисциплинарните студии по новинарство (1977 – 1981), претседател на Друштвото на писателите на Македонија, претседател на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Друштвото на филозофите на Југославија и на Македонија, член на Европската академија на науките и уметностите, а почесен член е на Асоцијацијата на шпанските уметници при Шпанската кралска академија и гостин професор на повеќе европски и американски универзитети. Негови дела и трудови се преведени на повеќе странски јазици. За неговиот севкупен творечки опус на Филозофскиот факултет во Скопје е одбранета докторска дисертација под наслов „Естетичките, културолошките и литературнокритичките концепции на Георги Старделов“ (1977). Член е на МАНУ од 1986 година. Бил нејзин потпретседател (2000 – 2004) и претседател (2008 – 2011). Основач е и раководител на Лексикографскиот центар на МАНУ од основањето (2000). Во МАНУ,
од 1993 година го раководи макропроектот „Историја на културата на Македонија“ од кој во негова
редакција се издадени 28 тома. Носител е на државната награда „11 Октомври“, наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, наградата „Кочо Рацин“ за најдобра книга на годината (Experimentum Macedonicum), наградата на ДПМ „Димитар Митрев“ за најдобра книга на критиката („Керубиновото племе“), Светската награда на хуманизмот, како и на повеќе странски признанија.

Академик Георги Старделов има објавено над 20 авторски книги. Во 2000 година му се објавени
избрани дела во девет томови. Насловите на неговите авторски дела се книгите: Есеи (1958);
Модерното и модернизмот (1962); Светови (1969); Антеј бара почва (1971); Доба на противречностите (1977); Меѓу литературата и животот (1981); Experimentum Macedonicum (1983); Изморена авангарда (1985); Вовед во иднината (1986); Искуства (1987); Портрети и профили (1987); Одземање на силата (1990); Summa aestheticae (1991); Антеј ја допира земјата (1993), Керубиновото племе (1997), Kerubin’s Tribe (на англиски јазик) (1998); Величанија (1997); Небиднината (2000); Искушенијата на естетичкиот ум (2003); Балканска естетика – една друга естетика (2004); Angelus Novus (2004); Ноќен градинар (2006); Небесен клучар (2008); Слушате ли Каинавелијци? (2010); Слова (2011); Summa aestheticae I–III (2015, I. Јужнословенска естетика; II. Балканска естетика една друга естетика; III. Историја на европската естетика на ХХ век); Критика на деморализираниот ум (2018); Епоха Блаже Конески (2018) и Раѓање на трагедијата (2020).

Превел и приредил бројни капитални филозофски автори и дела. Автор е на антологиските избори од современата македонска поезија и проза: Повоени македонски прозаисти (1960, на македонски и на српскохрватски јазик), Четири поетски круга (1974, билингвално на македонски и српски јазик), Слобода или смрт (1978), Го знаеш ли поете својот долг (1981), Камбаните на Крушево (1983) и Современи македонски поети (1998, на бугарски јазик).

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1