Денеска по кусо боледување почина Горан Гаврилов (54), основач и соственик на Радио Канал 77 и порталот Македонски медиа сервис. Гаврилов беше основач и прв човек на Асоцијацијата на приватни електронски медиуми во Македонија (АПЕММ). Поради неговото познавање на оваа област и професионалност беше вклучен и во подготовката на сите законски регулативи поврзани со медиумското работење во земјава.
Неговата работа започна како пионер во медиумски простор по осамостојувањето на Македонија. Радио „Канал 77“, кое годинава ја одбележува 30 годишнината од постоењето, започна со работа на 4 октомври 1991 година, како прв приватен комерцијален радиодифузер.