Дарко Марковиќ, познатиот карикатурист, сатиричар, филмски режисер, ќе биде погребан во понеделник во 12 часот на градските гробишта Бутел во Скопје.
Марковиќ почина синоќа во Скопје по тешко и долго боледување.
Дарко ја задолжи Македонија со своето сестрано творештво, како карикатурист и сатиричар, филмски режисер и аниматор, стрип цртач, илустратор и дизајнер, негувајќи ја културата на бескомпромисна и храбра, но бескрајно духовита и добронамерна критика на нашата општествена стварност.
Во 1979 година се роди еден од неговите најпрепознатливи цртани ликови, стрип јунакот Пецко, кој егзистира до денес. Најпрво се појави во „Нова Македонија“, па се пресели во „Дневник“, помина во „Време“ и веќе две години живее во „Слободен печат“. Во периодот од 2001 до 2006 Пецко се појавува на А1 телевизија, каде што беа објавени152 епизоди со популарниот јунак, алтерего на Дарко.