Почина родилка во тетовска болница, новороденчето во неизвесна состојба хоспитализирано на Детската клиника


Родилка почина синоќа околу полноќ во Клиничката болница во Тетово, бебето во тешка состојба итно е префрлено на Детската Клиника во Скопје. Од Клиниката информираат дека новороденчето е сместено на одделот за интензивна нега и е приклучено на апарати. Неговата состојба е неизвесна.
Според информации на Сител од тетовската болница ,30-годишната жена кај нив била донесена со многу висок притисок, а лекарите констатирале дека породувањето веќе почнало. Таа била во 40-тата недела од бременоста. Набргу по приемот родилката паднала во кома, а во меѓувреме дежурниот гинеколог успеал да го извади бебето. Биле повикани и други специјалисти, но не успеале да ја реанимираат. Ова и била втора бременост.

Инаку комисијата формирана од министерството за здравство не најде лекарска грешка за смртта на 4-те новороденчиња минатата недела на скопска гинекологија. Дежурната педијатарка која тој ден не била на работното место останува суспендирана се додека не се произнесе дисциплинската комисија.

По две новороденчиња во еден инкубатор. Наместо 25 во моментот на одделот за интензивна нега има 50 предвремено родени бебиња. Ако има други деца со компликации лекарите се принудени да прават селекција и не им се дава подеднаква шанса на сите да се изборат да преживеат. Има само 10 респиратори.

Покрај опремата според педијатрите од ГАК причина за зголемената смртност на предвреме родени бебиња е и недостигот на кадар. Денеска за сите 50 деца се грижеа еден лекар и три медицински сестри. Проблем се и несоодветните услови и нарушените меѓучовечки односи, додаваат од Клиниката.

Новата директорка Викторија Јовановска за Сител вели дека на функцијата била неполни 2 месеци и за недостигот на кадар и опрема веднаш побарала помош од министерството за здравство и Владата. Таа додава дека лесно е да си поднесе оставка, но мора нешто да се превземе за да се подобри состојбата. Побарала од ДСЗИ комплетно да ја ја скенира состојбата и да укаже на недостатоците.

Sitel.mk

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1