Од денеска до 23 август почнува да тече еден од клучните рокови за претстојниот есенски референдум за името. Граѓаните ќе може да направат увид во Избирачкиот список, а државјаните на Македонија кои живеат во странство ќе можат да се пријавуваат за изјаснување на референдумот и тоа преку апликација што денеска ќе биде промовирана од Државната изборна комисија (ДИК) и со своерачно барање во Дипломатско – конзуларните претставништва во земјите каде што живеат.
Граѓаните можат да ги проверат своите податоци преку веб-страницата на ДИК https://izbirackispisok.gov.mk/ и во подрачните одделенија и канцеларии на Комисијата. Доколку забележат неправилности или недостатоци и доколку сметаат дека е потребно, да побараат измена, дополнување или бришење на податоците граѓаните тоа ќе може да го направат со барања кои треба да ги поднесат во подрачните одделенија и канцеларии на ДИК. Иселениците, пак, ги поднесуваат по електронска пошта до ДИК.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должен да одлучи со решение во рок од 48 часа од денот на нивниот прием. Доколку биде донесено решение со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Врховниот суд. Врховниот суд во рок од 24 часа по приемот на тужбата и одлуката веднаш му ја доставува на тужителот по електронски пат.