Донесена е одлука за 3 отсто да им се зголеми платата на сите вработените во јавната администрација кои ќе доаѓаат на работа со велосипед. Ова го соопшти скопскиот градоначаник КоцеТрајановски вчера на примопредавањето на донацијата од 35 велосипеди кои Авто мото сојузот на Македонија-АМСМ му ги подари на Град Скопје, пренесе Вечер.
Велосипедите ќе бидат поставени на велосипедските станици во градот. Градоначалникот Трајановски се заблагодари на донацијата и додаде оти првпат ќе пуштат во функција велосипеди за деца.
– Ова е значајно за Град Скопје и за жителите. Сакаме да ја подигнеме свеста на граѓаните за користење на велосипедите. Сметаме дека ќе се зголеми бројот на велосипедисти од сегашните 1 отсто, кој е еден од најниските на Балканот, на 3 отсто во 2017 година и на 5 отсто во 2020 година, рече Трајановски, пренесе Вечер.
Димитар Миновски, генерален секретар на АМСМ информира дека го поддржуваат проектот на Град Скопје „Скопје велоград 2017″ година.
– АМСМ се придружува со акцијата „Со велосипед по пат низ целиот град” и затоа донираме 35 велосипеди, 30 за возрасни и пет за деца кои ќе може натаму Град Скопје да ги изнајмува во рамки на проектот „Изнајми велосипед”, рече Миновски кој порача граѓаните почесто да користат велосипед.
Во врска со проектот „Изнајми велосипед” кој се спроведува преку ЈП „Градски паркинг”, Трајановски рече дека не е многу зголемен процентот на луѓе кои изнајмуваат велосипед, но потенцираше дека тие ќе продолжат упорно да работат на зголемување на свеста за користење на овој алтернативен јавен превоз и дека со тоа ќе порасте и бројот на корисници, пренесе Вечер.
Во таа насока, скопскиот градоначланик Трајановски најави нови пунктови за велосипеди низ скопските општини.
ЈП „Градски паркинг” располага со 250 велосипеди. Во просек, дневно се изнајмуваат околу 120 велосипеди.