Политичарите на терен, трет ден предизборна кампања


На третиот ден од предизборната кампања, политичарите активни на терен.

Одржуваат средби со граѓани и бараат поддршка за претстојните парламентарни избори со ветувања за наредните четири години. Коалицијата “Можеме”, предводена од СДСМ вечерва на трибина во Тетово и во скопски Аеродром. Од владејачката партија денеска порачаа дека на 15 јули ќе се потврди разликата со опозицијата.

-Со новата влада предводена од СДСМ до 2024 година ќе отвориме 80 отсто од поглавјата за интеграција во ЕУ. Појасни дека тоа значи отворање нови европски фондови од кои во следните години обезбедуваме 2,5 милијарди евра, односно повеќе пари за справување со корона кризата, за нова македонска економија, за зелена агенда, за капитални инвестиции, вели Зоран Заев – претседател на СДСМ и носител на ИЕ 4.

„За развој на локалната патна инфраструктура за општина Пробиштип вложуваме над 800 илјади евра. Ќе ја санираме и ќе ја уредиме старата депонија во Пробиштип. Украдоа милијарди, а не сакаа да ја покачат минималната плата ни денар. Ја држеа на срамни 9.000 денари. СДСМ за само две и пол години ја покачи минималната плата на 14.500 денари“, изјави Љупчо Николовски – носител на ИЕ 3.

Коалицијата “Обнова на Македонија” на чело со ВМРО ДПМНЕ ќе одржат средби со граѓани во Тиквешијата. Христијан Мицкоски како кандидат за мандатар ќе ги посети Демир Капија, Неготино и Кавадарци заедно со носителот на ИЕ 4 Александар Николоски. Од партијата ветуваат повисоки пензии, нови патишта и проекти за земјоделците.

-Сакам да ве замолам сите вас да излезите на 15 јули и да ни дадете поддршка. Да издржиме и да ја промениме оваа власт, бидејќи спротивно нема да се зголемат пензиите, нема да се даваат оние субвенции кои што се давале претходно. Во нашата програма посебно како целна група се предвидени проекти за вас пензионерите. Но, јас не ве гледам само како пензионери, туку како луѓе кои што можете да ни дадете шанса за ние помладите да работиме за вас, истакна Владо Мисајловски – потпретседател на ВМРО ДПМНЕ и носител на ИЕ 2.

-Она што е најбитно и она што е најкруциално за сите земјоделци е впрочем навремената исплата на субвенциите. Тоа ние како ВМРО-ДПМНЕ го ветуваме и за нас ќе биде завет, аманет за да можеме да го направени во следните четири години. Важни проекти кои треба да се завршат се и експресните патишта кои го поврзуваат Штип со Кочани и Радовиш, Игор Јанушев – носител на ИЕ 3.

Предизборната кампања трае до 12ти јули. Потоа следува тридневниот молк, а паралелно и гласањето на повеќе категории граѓани, на 13ти, 14ти и 15ти јули.

Share Button
MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1