Појава која особено загрижува, како што изјави Мемети е приведувањето на деца на возраст до 14 години, што е спротивно на Законот за правда на децата.
– Се приведуваат деца на улица како и деца згрижени во јавни установи кои се водат за исчезнати под 14 години од страна на полициската единица „АЛФИ“. Стравот за пријавување тортура и нехумано постапување од страна на полицијата се уште има, што доведува до неказнивост и охрабрување на сторителите, вели Иџет Мемети – Народен правобранител.
Во ходникот на едно скопско училиште, рече тој, било удрено дете од двајца полициски службеници. Откако била поднесена кривична пријава против полицајците, таткото информирал дека му се врши притисок да ја смени изјавата. Ова е една од појавите која најмногу го загрижува омбдусманот.
– Родителот случајот најпрво го пријавил во Секторот за внатрешна контрола на МВР, а полицијата наместо да преземе мерки за да провери што се случило, почнала да му прави притисоци. Му се заканувале дека ќе му поднесат прекршочна пријава затоа што неговото дете го навредило полицаецот и затоа му рекле дека ќе треба да плати казна од 600 евра. Со тоа го принудиле да ја повлече преставката – објаснува правобранителот Иџет Мемети.
Настанот е документиран и на видоснимката од камерата во училиштето. Правобранителот до Јавното обвинителство поднел кривична пријава за мачење на дете.
-И ние се прашуваме што барале полициските службеници во училиштето, затоа поднесовме кривични пријави. Не се исполнети стандардите на местата за задржување иако ни беше ветено дека ќе бидат реновирани. Заложбите остануваат само во плановите и само декларативно. Од 38 полициски станици, само десет ги исполнуваат минималните стандарди.