Полициски кордон го затвори пристапот до Собранието. Пред парламентарната зграда со седум автобуси пристигнаа околу 400 полицајци кои на себе носеа заштитна опрема. Полициски кордон е поставен под Триумфалната капија, пред Градската болница, покрај Градскиот трговски центар и покрај полициската станица Центар и не дозволуваат движење.
Во меѓувреме пред тревникот на Собранието се уште има пет шатори во кои ноќта ја поминаа околу десетина демонстранти. По вчерашниот насилен упад во Собранието, денеска се врши полициски увид и се очекува наскоро да пристигне Јавен обвинител, велат од собраниските служби.
Голем дел од медиумската опрема се наоѓа во прес-салата на Собранието каде што вчера беа нападнати новинари и пратеници од новото парламентарно мнозинство. Неизвесно е во каква состојба се ноаѓа опремата.
Атмосферата околу Собранието е мирна. Безбедносната состојба во централното градско подрачје, околу и во Собранието е нормализирана со воспоставување на нарушениот јавен ред и мир, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.
Поради севкупната безбедносна состојба МВР-СВР Скопје ќе преземе дополнителни мерки и активности со цел заштита на сигурноста на граѓаните, објектите и обезбедување стабилна и поволна безбедносна состојба, велат од МВР.
Радио слободна европа