Црногорската телевизија „Вијести“ јави денеска дека Насер Келеменди, балкански нарко-бос е уапсен во Косово. Апсењето било извршено доцна синоќа, се додава во извештајот на медиумот. Полицијата ја потврди информацијата без да наведе детали – повеќе инфо најавуваат во текот на денот.
“Косовската полиција вчера уапси околу 20 часот две лица, од кои едниот е баран со меѓународна потерница, додека друго лице беше уапсено за помагање на лицето бегалец”, истакнаа од косовската полиција. Двете лица се во притвор, јави Б92.
Келменди е осомничен за организирање на убиството на Рамиз Делалиќ во Сараево во 2007 година. Според полициските информации, Келменди е главниот финансиер и организатор на шверцот со хероин кој од Истанбул и Албанија и низ Балканот се до Западна Европа.
Врз основа на барање на Обвинителството на Босна и Херцеговина, лани во септември е распишана меѓународна потерница за Келеменди и повеќе други осомничени заради тешки дела на организиран криминал во БиХ.
Насер Келеменди е означен како лидер на една од најсилните криминални групи на Балканот, а во јуни лани е ставен и на црната листа на САД. Американскиот претседател во специјален извештај на Белата куќа го означи како главен дилер на дрога на Балканот.