Четири деца беа прободени во јужниот кинески регион Гуангси Жуанг во едно основно училиште, пренесоа тамошните медиуми. Децата од градот Пингшан, кои биле на возраст од осум до 11 години, биле нападнати вчераутро додека оделе кон училиштето од страна на маж на возраст од 56 години кого полицијата го идентификува како Ше Ѓентинг. Три од децата починале на самото место, а едно во блиската болница.
Полицијата вчера го пребаруваше планинскиот регион во потрага по осомничениот. Повеќе од 300 луѓе, како полицајци така и граѓани, се вклучија во потрагата, потпомогнати од кучиња, со кои ги пребаруваа шумите во областа Лингшан, на околу седум километри од местото на настанот. Вчера полицијата го пронајде црвениот трицикл на главниот осомничен, а во него било и обезглавеното тело на момче за кое „Саут чајна морнинг пост“ пренесе дека се верува оти е на една од жртвите. Полицијата понуди награда од 2.550 евра за информации што би довеле до апсење на напаѓачот.
Во одделен инцидент шест лица беа убиени во стампедо во основно училиште во Kуенминг, главниот град на југозападната провинција Јуенан, но за овој инцидент не беа изнесени повеќе детали, пренесе „Ројтерс“.
Претходно овој месец три деца беа убиени, а шест повредени во напад со нож извршен од страна на маж во кинеската централна провинција Хубеј. Во друг инцидент во март 2010 година еден маж смртно прободе осум ученици во училиште во југоисточната кинеска провинција Фуѓен.
Вината за последните напади во училиштата обично се бара во ментални болести или бес кон општеството. Во претходниот напад мажот кој прободе три деца бил бесен бидејќи на ќерка му не ~ било дозволено да се запише. Напаѓачот кратко потоа изврши самоубиство.
Во Kина е многу тешко да се поседува огнено оружје, па вчерашниот напад е еден од неколкуте напади со ладно оружје што се случиле во земјата во последнава деценија. Повеќе од 80 лица беа повредени, а 17, од кои 15 ученици, беа убиени во пет напади со нож во период од само три месеци во 2010 година. С` поголемиот број вакви инциденти во кинеските училишта ги принуди властите да го зајакнат обезбедувањето околу училиштата во земјата во која најголемиот број од паровите имаат само едно дете, пишува „Дојче веле“. Сепак, училишното обезбедување во Kина често не е опремено или подготвено за да ги запре ваквите напади. Во некои кинески градови, вклучувајќи го и Пекинг, потребна е лична карта и регистрација за купување одредени видови ножови.