На интернет се крена огромна кампања за тажната приказна на младата Персида, девојче кое живее во ужасни услови. Неколку добри луѓе се обидоа да најдат дом за ова девојче додека за повеќето сето ова беше само тажна приказна. Некои од нас помогнаа давајќи помош која можат да си ја дозволат. Но за една личност, оваа приказна сè уште трае.
Оваа приказна е доказ дека хуманоста не е само дел од трогателни филмови или книги. Ова е приказна која најубаво покажува дека човечноста сè уште постои, тука, меѓу нас. Исто така покажува и дека е исклучително… исклучително ретка.
Откако акцијата за пронаоѓање дом на Персида започна и беше одлично медиумски покриена, многу луѓе ја споделија нашата статија надевајќи се дека некој ќе одговори на повикот. Многумина воопшто не обрнаа внимание, но неколкумина навистина се заангажираа и на радост на „Пепи“, таа ги остави трите ѕида и беше вдомена, како накиснато маче, барем додека се опорави, во домот на една добра скопјанка.
Приказната стигна до институциите, Пепи доби вработување како хигиеничарка и редовно добива плата. Според законите, ја очекува стан, но додека процедурата дојде до својата финална фаза, Пепи сè уште живее кај својата домаќинка. Сепак, нејзина желба е повеќе да не биде нејзин товар, туку да се пресели. Но, тука се истакнува чудесната човекова природа.
Бидејќи становите под кирија во Скопје имаат вртоглаво високи цени, па дури ниту одлично ситуираните лица не можат да си ги дозволат, домаќинката и Пепи бараат евтин стан или соба. Лицата кои издаваат евтини станови или соби, кога ќе ја слушнат трагичната судбина на Персида, замислете, не сакаат да соработуваат со неа. Па така, додека Персида го добие она што ѝ е ветено, мора да живее повторно на улица или да остане под ист кров со веројатно најхуманата личност за која ние сме слушнале. Институциите задолжени за случајот Персида, обезбедуваат 5500 денари месечно за нејзино сместување и подмирување сметки.
Затоа, ако и вие сè уште имате верба во човечноста, сите ние заедно со Персида ве молиме, пронајдете ни евтин дом, не бараме многу. Доколку издавате, напишете на овој Фејсбук профил или пак, доколку знаете некој што издава евтини соби, пренесете му ја оваа информација.
Пренесено од – Сарма.мк