Попладнево лабораториски се потврдени три нови случаи на туларемија. Двајца од новозаразените се од Лозово, а еден е од Велес, информираат за zdravstvo24.mk од Центарот за јавно здравје. Со новите случаи заболени се 13 лица. Најголемиот дел од новозаразените се од Источна Македонија,повеќето се од селото Каратманово во општина Лозово и од Светиниколско, а претходно случаи беа регистрирани и во околината на Скопје.
Постојат неколку начини на кои човекот може да се зарази со туларемија се преку директен контакт со заразени животни, при каснување од крлежи, вошки и други инсекти, при вдишување прашина контаминирана со бактерија на туларемија, како и при пиење контаминирана вода или консумирање контаминирана храна (на пример, недоволно термички обработено месо, на температура пониска од 70 Целзиусови степени). Заболувањето не се пренесува од човек на човек. Преносител на заболувањето се животните.
Со цел превенција и заштита од ширење на заболувањето, луѓето треба да избегнуваат секаков контакт со крлежи за време на престој во природа и да употребуваат соодветна заштита (ракавици, чизми, заштитни маски). За превенција од ова заболување, особено е важно одржувањето лична хигиена, добро миење на овошјето и зеленчукот, добро термички обработена храна, пиење безбедна вода, да се избегнува капење во застоени води, како и храната да се чува покриена и заштитена од глодари или инсекти, велат лекарите.