Видеото е поставено на социјалната мрежа Фејсбук а е снимено во Стојаково. На него убаво се гледа колкава штета направиле обилните дождови и излевањето на реките. Поплави имаше и во другите делови на Македонија
Според информациите на Дирекцијата, во општина Kуманово поради засилени врнежи од дожд во вчерашното деноноќие дошло до подигнување на нивото и излевање на реката Kумановка кај селото Доброшане при што се поплавени 20 хектари земјоделска површина, а кај селото Довезенце е излеана Kрива Река и се поплавени 10 хектари.
Во општина Kочани излеана е Злетовска Река, кај селото Ново Селани, и поплавени се оризови полиња. Од страна на Дирекцијата за заштита и спасување е ангажирана градежна машина, која од петокот работи на расчистување на коритото на Злетовска Река за да се спречи понатамошно излевање и поплавување на оризовите полиња. На барање на локалната самоуправа е ангажирана уште една градежна машина за расчистување на коритото на Злетовска Река кај село Жиганци.
Превентивно за уредување на коритото на Злетовска Река е ангажирана една градежна машина и во општина Пробиштип. Во Kрива Паланка нема излевање и поплавување на реките и водотеците, иако во текот на вчерашниот ден нивото на Kрива Река и Дурачка Река било покачено. Состојбата со реките денес е нормализирана и стабилна. Покачено ниво на реките и водотеците во текот на вчерашниот ден е забележано и во општина Радовиш, но денес и таму состојбата е нормализирана. Во Штип, по барање на општината, се доставени 1.000 вреќи за песок заради изградба на заштитен насип на бунарите кај реката Брегалница. Состојбата со реките и водотеците во овој регион е стабилна.
Од Дирекцијата за заштита и спасување истакнуваат дека сите нивни подрачни одделенија ја следат состојбата и се подготвени да помогнат ако дојде до излевање на водотеците и до поплавување.