На кинески пилот му е забрането да управува авиони до крајот на животот, откако на социјалните мрежи се појави фотографија со патничка во неговиот кокпит.
Според Би-Би-Си, контроверзната фотографија е направена во јануари на летот на Ер Гвилин од Гвилин во јужна Кина до Јангжу на истокот на земјата.
На фотографијата е прикажана млада жена како позира во пилотската кабина, а Ер Гилин изјави дека пилотот ги прекршил прописите за безбедност во воздухот.
„Му благодарам на капетанот. Јас сум многу среќна“, напишала девојката, јасно укажувајќи го виновникот за фотографијата.
Според некои, девојката била стјуардеса на обука. Ер Гилин не коментираше дали фотографијата е направена за време на летот, но кинеските пилоти и аналитичари велат дека било така.
На пилотот, чие име не е објавено, му е изречена казна доживотна забрана за управување со авиони, иако не беше објавено дали тој бил отпуштен од сите позиции во авиокомпанијата.
Администрацијата за цивилно воздухопловство на Кина пропишува дека на патниците им е дозволено да влегуваат во кокпитот само со посебно одобрение или под околности кога тоа е неопходно потребно.