Порака од ИВЗ за Курбан Бајрам: Подадете рака, помирете се!


Реис ул улема на Исламската верска заедница во РМ Сулејман Реџепи по повод муслиманскиот празник Курбан Бајрам денеска упати порака до верниците да го минат со подадена рака, прегратка, меѓусебни посети и помирување.

– Драги верници, сестри и браќа, задоволство ми е да соопштам јавно дека утре го славиме празникот Курбан Бајрам. Овој празник, без сомнение е свет празник, бидејќи ја одбележува нашата верност и искреност кон Семилосниот Алах, кој што токму воочи овој празник ја усоврши нашата вера комплетирајќи го величествениот Куран. Курбан Бајрам, драги верници, е празник во кој што силно се пренесува пораката за благородноста и милоста на нашиот Творец кои што тој ги чувствува кон сите свои створенија – вели поглаварот на ИВЗ.

Честитките, додава тој, во текот на овој празник секако треба да ги одликуваат подадената рака, прегратката, меѓусебните посети и помирувањето.

– Канејќи ве да се молиме за здравјето на нашите браќа и сестри што се наоѓаат во светата земја извршувајќи го аџилакот, дозволете да ви ги изразам најискрените честитки по повод Курбан Бајрам. Браќа и сестри, нека ви е среќен Курбан Бајрам, ви посакувам да си поминете среќни мигови во текот на овој празник. Со посебни желби им го честитам празникот на нашите браќа Албанци во Диаспората, како и на сите муслимани низ светот – се наведува во честитката од поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1