„Македонска пошта“, „Аеродроми на Македонија“ и „Македонски железници – инфраструктура“ се јавуваат на листата на донатори на ДУИ во 2016 година, што е спротивно на законите за спречување на корупцијата и за финансирање на политичките партии, објави денеска „Транспаренси интернешнл-Македонија“.
По преставка од Трансперенси, Антикорупциската комисија за ова го известила Обвинителството, поради сомнение за злоупотреба на буџетски средства.
„Транспаренси интернешнл-Македонија“ денеска добила одговор од Антикорупциската комисија во кој се наведува:
„По разгледување и анализа на добиените податоци, Министерството за финансии и Државниот завод за ревизија, утврдиле дека сомневањата кои се изнесени во претставката се основани и дека од прибраната документација произлегуваат факти и околности кои упатуваат на прекршување на одредбите од Законот за финансирање на политичките партии и Законот за спречување на корупцијата кои забрануваат користење на буџетски средства, средства од јавни фондови и средства од јавни претпријатија за финансирање на изборна активност, односно друга политичка активност. Документацијата од која произлегуваат овие сомневања Државната комисија за спречување на корупцијата ја предала во Основното јавно обвинителство Скопје, кое е надлежно за понатамошно испитување на овие информации“.